Вангел Наумовски (22.03.1924-13.07.2006) е еден од најважните уметници на минатиот век во Македонија. Роден во Охрид, каде живее и твори. Работел во повеќе уметнички полиња - примарно сликање, но исто така скулптура, поезија, музика, дрворез, архитектура и др.
Неговите слики имаат длабока конекција со локалниот контекст, главно биолошките аспекти на езерото и неговата фауна. Се смета за припадник на наивата како уметнчки правец, но не е далеку и од сурреализмот. Од таму, како негов современик Салвадор Дали во една прилика ќе даде позитивен коментар за делото на Наумовски. Нашиот восхит за неговото дело е поврзан со фактот што на некој начин ја носи локалната култура на глобална сцена, како и неговиот пристап кон архитектурата кој е нарочито уметнички и скулптурален.
100 години подоцна, во 2024, со почит и благодарност за неговата работа, го прославивме неговиот роденден со мурал од поголем размер во Охрид. Мотивот на муралот е една негова графика од 1970 работена во Загреб. Муралот ја реплицира истата на фасада од 80 метри квадратни, заедно со неговиот портрет. Локацијата не е случајно избрана, а се наоѓа на видлив потег помеѓу неговиот дом и атеље и еден нов јавен простор-плоштадче.
Следствено на ова, интервенцијата придаде кон покренување иницијатива овој плоштад да го носи името на Вангел Наумовски.