Проф. Д-р Ана Ивановска Дескова за настанот ,,Начинот на Чипан’’:
„Настанот кој архитектонскиот колектив АРХРИД го организира во секаква смисла претставува амбициозен и повеќеслоен потфат. Од аспект на содржина и организација, тој опфаќа низа активности – истражување, архитектонски конкурс, јавно претставување во форма на архитектонска изложба, панел дискусија во две тематски целини, публикација. Од аспект на методологија, станува збор за низа деликатно испреплетени чекори кои нудат не (нужно) линеарно толкување. Навраќајќи се кон делото на архитект Борис Чипан, низ временските перспективи минато-сегашност-иднина, АРХРИД отвораат најмалку две дополнителни линии – од една страна го потенцираат прашањето за традиционалната архитектура на Охрид која Борис Чипан во својата младост ја препознава како вредна, а потенцијално загрозена, а која денес е заштитена и истовремено исчезната или архитектура во исчезнување. Од друга страна ја поставуваат самата градба на Борис Чипан, како претставник на еден нов слој на вредно, а непрепознаено и загрозено архитектонско наследство. Во таа смисла, АРХРИД го отвораат прашањето – што сѐ е градителско наследство и идентитет на градот Охрид? Како еден или група објекти стануваат доволно вредни за да биде зачувани? Кој (сѐ) го одредува тоа значење и врз која основа?